Почнува академската 2013/2014 година

Почнува академската 2013/2014 годинаЗа студентите денеска почнува новата учебна 2013/2014 година. Првиот академски час свечено ќе биде одбележан на факултетите, а на некои и во присуство на претставници на Владата.

На петте јавни универзитети, во Скопје, Битола, Тетово, Штип и Охрид, оваа година беа слободни 25.624 места за нови студенти, од кои 10.351 на Универзитетот во Скопје, кој вчера го одбележа почетокот на новата академска година на Богословскиот факултет.

Кадарот од природно-математичките и од техничките науки е дефицитарен и затоа Министерството за образование и наука апелираше кандидатите да размислат за нив, зашто според министерството така ќе имаат повеќе можности за работа по дипломирањето.

За редовните студии во државната квота годишната партиципација е 200 евра, а за тие што ќе ги кофинансираат студиите, цената за една студиска година е 400 евра, иако има и пониски цени со одлука на самите факултети. Како и во минатите години, цената на дисперзираните студиски програми е 100 евра годишно.

За упис во прва година на државните универзитети имаше два рока – во август и во септември. Факултетите на кои се уште има места ќе запишуваат студенти и утре.