Почнува 54. издание на „Охридско лето“

Италијанските оперски ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, во придружба на уметниците на Македонската филхармонија, под диригентско раководство на маестро Луис Горелик, вечерва, на сцената на Античкиот театар, ќе го отворат 54. издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјата, фестивалот „Охридско лето“, пренесе МИА.

Почнува 54. издание на „Охридско лето“

Наредните 40 дена до 20 август Охрид ќе биде местото на големи концерти, театарски претстави, со ексклузивни уметници од кои за повеќето од нив тоа ќе биде премиерно нивно претставување во овој дел од Европа.

Музичкиот дел од фестивалската програма нуди изобилие од звучни имиња, потврдени уметници, атрактивни фестивалски настани.

Тука се настапите на пијанистите Елизавета Леонскаја, Аркадиј Володос, волинистите Кирил Трусов, Нинг Фенг, виолончелистот Нарек Хакназариан, Кадеша дуото од Албанија, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе“, гудачкиот квартет Јанкелиевич, ансамблот Вариабиле

За пошироката публика во Охрид ќе може да се видат и неколку светски атракции, чии имиња и настапи се дел од најпрестижните светски музички сцени, настани што претставуваат вистински ексклузивитет. Меѓу нив се концертите на хрватскиот пијанист Максим Мрвица, „Моцарт групата“ од Полска, сензационалните вокалисти, но и актери од израелската перформанс група „Вока пипл“, како и целовечерниот концерт на кинескиот Симфониски оркестар „Шенжен“. За роденденот на фестивалот 4 август публиката во Охрид ќе има можност да ужива во настапот на еден поинаков Немања Радуловиќ, светски познатиот виолинист кој како што беше најавено заедно со групата „Ѓаволски трилери“ ќе понуди несекојдневна атрактивна програма, со нови звучни димензии.

Драмскиот дел од фестивалот содржи девет најнови продукции, од кои две премиери, како од домашните театарски куќи, така и со гостувања на звучни имиња од меѓународната театарска сцена. Самиот избор на претставите ветува несекојдневни уметнички доживувања, претежно комедии, топли претстави со ведар дух, под закрилата на класиката и високата уметност.

Драмската програма започнува со „Отело“ во изведба на Битолскиот народен театар, „многу врева за ништо“ на Театар „Комедија“, праизведбата на „Аферата Елсинор“ на Љубиша Георгиевски во изведба на МНТ, „Ждрело“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје. Од македонската драмска сцена тука е уште и настапот на Албанскиот театар со претставата „Предавање“ на текст на познатиот Мартин МекДонах.

Од гостувањата во драмскиот дел на фестиваслките сцени во Охрид ќе ги видиме суптилната комедија „Како што милувате“ во изведба на „Њу битом“ театарот од Полска, „Његош и ја“ во изведба на Црногорското народно позориште од Подгорица, „Женидба“ од Гогољ во продукција на „У-моста“ театарот од Русија.