Почнува 35. издание на „Мал битолски Монмартр“

Од денеска до 30 мај во Битола ќе се одржува 35. издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ . Манифестацијата што ја организира и детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“, ќе биде отворена вечерва во Старата битолска чаршија.

Годинава отворањето ќе биде во знакот на учениците од Словачка, кои се добитници на највиското одличје, наградата „Гран при“. Според востановената традиција, на 29 мај децата од светот на плоштадот „Магнолија“ во Битола ќе цртаат на тема „Олимпијадата во очите на децата“, а најдобите ликовни творби ќе бидат претставени во олимпиското село на претстојните летни олимписки игри во Рио де Жанеиро.

На меѓународната детска ликовна колонија годинава учествуваат ученици и нивните ликовни педагози од Словачка, Кина, Русија, Турција, Украина, Србија, Бугарија, Малезија, Романија, Полска, Индија, Египет, Тајланд и од Македонија. „Мал битолски Монмартр“ се реализира со поддршка на повеќе приватни компании од Битола и со финансиска поддршка на Министерството за култура и Министерството за образование.