Почнува 14. Фестивал на новиот германски филм

„100 работи” е комедијата со која ќе се отвори 14. Фестивал на новиот германски филм на 2 мај во кино Милениум. Филмот зборува за  тоа колку материјалниот свет нè поседува нас или ние го поседуваме него. По отворањето, фестивалот се префрла во кино Фросина од 3 до 6 мај во Скопје, а потоа ќе патува во киносалите ширум земјата: Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.

„Како и секоја година, селекторите на фестивалот се обидоа да дадат разнолик пресек на современиот филм во Германија, носејќи ѝ на македонската публика драма, трагикомедија и комедија, семеен филм, детски, документарен и серија кратки филмови. Филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнат огромен успех на филмските фестивали, а еден од нив беше и во конкуренција за наградата „Златна мечка” на престижниот Берлинале“, се вели во соопштението. 

Она што е премиерно кај ова издание на фестивалот, не се само филмовите, туку и работилниците со гости од Германија.

Хајнц Херманс (Heinz Hermanns), директор на Берлинскиот фестивал за кратки филмови „Интерфилм“ и Алета вон Фитингхоф (Aletta von Vietinghoff), позната филмска монтажерка од Берлин ќе одржат предавања и работилници со студентите по филмска уметност, а ќе се сретнат и со сите заинтересирани филмски работници во земјата.

Фестивалската програма е достапна на следниот ЛИНК.