#ПочниСоВодно – Watermelon party

„Како што и прилега, да се разделиме со лубеницата за ова лето. Ова лето секој ден се сведуваше на тоа дали си јадел лубеница. Така и ќе биде и овој пат на врвот на Водно. Ние ќе се потрудиме да донесеме лубеница за сите (исечени на парчиња) вие донесете си ја пијачката што иде со лубеница. Лубеницата е частење, од мајсторот за таа работа Ване Пандев. Пелистерка ќе почасти по некое чајче. Ние ќе се почастиме со качување. Бендот ќе не почасти со музика. Домот со покрив на глава. Дојдете на една поинаква забава, надвор од градот“.

Вака планинарската група „I love hiking“ го најавува утрешното искачување до врвот на скопската планина за летово, како дел од иницијативата #ПочниСоВодно“, која има за цел да ги поттикне граѓаните да практикуваат здрав живот. Граѓаните секој четврток организираат искачување и забава на Водно, а утрешната акција започнува во 18 часот пред ОУ „Кочо Рацин“.

„Понеси си ранец во кој ќе имаш 1л вода, шушкавец или тенка јакна и горен дел (маица/блуза) за да се пресоблечеш на врв. Секако, да не заборавиш да го наполниш мобилниот за да имаш за добра фотка. Пожелно е челна ламба или какво било светло кое ќе ти го осветлува патот. И тоа е сѐ. За сѐ друго ќе се погрижиме ние. Не ја пропуштајте енергијата која владее горе“, потенцираат од „I love hiking“.

Исто така, напоменуваат дека планинарскиот дом на врвот Крстовар ќе биде отворен. Враќањето назад е најдоцна 22:30 часот, со тоа што симнувањето надолу е по асфалтираниот пат.

„Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици. Наведените планинарски акции се организирани и движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите. Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната опрема за предвидената акција. Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување.Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки“, стои во повикот за утрешниот настан.

*Надополнето
По консултација со дел од организаторите на иницијативата, поради недоразбирање со терминологијата во првата најава, првичниот наслов е променет. Ова нема да биде последно искачување за ова лето.