Почна судскиот процес во Париз – активисти ја тужат државата за несправување со климатските промени

Судот во Париз денеска започнува со сослушување по жалбата поднесена од невладини организации, поддржани од два милиони граѓани. Тие ја обвинуваат француската држава дека не постапила соодветно при справување со климатските промени, пренесува Франс24.

Невладините организации сакаат судот да ја смета државата одговорна за еколошките штети и велат дека победата ќе означи симболичен чекор во борбата да ги убедат владите да направат повеќе.

Меѓународниот договор потпишан во Париз пред пет години има за цел да го ограничи глобалното затоплување на помалку од 2 степени Целзиусови, и по можност на 1,5 степени. Но, експертите велат дека владите се далеку од исполнување на своите заложби и се зголемува гневот кај помладата генерација поради неактивноста, прикажан преку кампањите на шведската тинејџерка Грета Тунберг.

Овој случај е дел од зголемениот притисок на борците за клима низ целиот свет да ги користат судовите против владите. Во 2019 година, холандскиот Врховен суд и наложи на Холандија да ги намали своите емисии на стакленички гасови за најмалку 25 проценти од нивото во 1990 година до крајот на 2020 година, по случајот покренат од невладина организација.

Случајот во Франција започна во декември 2018 година кога четири невладини организации ја обвинија владата преку формална жалба дека не успеала да ги намали емисиите. Жалбата ја поддржаа два милиони луѓе со онлајн петиција.

Незадоволни од одговорот, невладините организации, вклучувајќи ги Гринпис Франс и Оксфам Франција, потоа ја поднесоа својата правна тужба во март 2019 година, барајќи симболична отштета од само едно евро од државата.

Идејата на активистите е судот да признае дека државата не направила доволно во борбата против климатските промени.

Додека Франција се обврза да ги намали своите емисии за 40 проценти до 2030 година во споредба со 1990 година, невладините организации велат дека ги надминува буџетите за јаглерод што ги ветила.

Тие исто така се жалат на недостатоци во енергетското реновирање на зградите или развојот на обновливите извори на енергија, велејќи дека ова има секојдневно влијание врз здравјето и квалитетот на животот во Франција.

Невладините организации презентираа 100 сведоштва од поединци во нивниот случај, откако собраа повеќе од 25.000 преку интернет.

Владата, пак, ги отфрла обвинувањата за неактивност, посочувајќи на енергетско-климатскиот закон од 2019 година, кој „ги зајакнува климатските цели“, целејќи кон неутралност на јаглеродот до 2050 година или пад на употребата на фосилни горива за 40 проценти до 2030 година.

Во својата одбрана испратена до судот, Владата исто така го одби барањето за надомест на штета за еколошката штета, тврдејќи дека француската држава не може да биде единствено одговорна за климатските промени кога Франција претставува околу 1 процент од глобалните емисии.