Почна снимањето на играниот филм „Три дена во септември“

Со првата клапа вчера на железничката станица во Драчево започна снимањето на  „Три дена во септември“,  дебитантскиот игран филм на режисерот Даријан Пејовски.

Почна снимањето на играниот филм „Три дена во септември“

„Три дена во септември“ е замислен како психолошки трилер,  студија на два карактери кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми.

Главните ликови, Јана и Марика се запознаваат во воз и за необично кратко време се зближуваат. Одат заедно на село, во изолиран планински крај кој крие случувања од минатото на Јана. Времето минува бавно и тензично, а сомнежот за нивните вистински намери е се посилен. Една по една, тајните се откриваат. Двете жени немаат друг излез освен да си помогнат секоја од нив да ја оствари својата вистинска цел.

Филмот за кој Пејовски и Игор Иванов заедно го напишаа сценариото, ќе се снима дваесетина дена во Преспа, Јасен и Скопје. Во главните улоги играат Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски, додека останатите улоги се на Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Фимот е поддржан од Агенцијата за филм , а финансиски удел има и косовската продукција „Иконе студио“.