Почна пријавувањето за третото издание на „Охрид трчаТ“

Од денеска официјално почнува пријавувањето за учество на третото издание на атлетската манифестација „Охрид трчаТ,“ која ќе се одржи на 2 јуни следната година. Пријавувањето е исклучиво онлајн, на интернет-страницата Ohridtrcat.mk.

Заинтересираните за учество на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ ќе можат да се пријават на трката 5 и 10 километри или тимбилдинг-трката на 5 и 10 километри. Стартниот пакет за трката на 5 километри и тимбилдинг-трката на 5 километри до 31 јануари изнесува 400 денари, до 31 март чини 500 денари, а до 26 мај, кога е последен ден за пријавување, е 600 денари. Стартниот пакет на трката на 10 километри и тимбилдинг-трката на која учествуваат најдобрите атлетичари од нашата земја и многу атлетичари ширум светот ќе чини 700, 800, односно 900 денари според датумите од трката на пет километри. За најдобрите во трката на 10 километри има и парични средства и награди од спонзорите кои се објавени на официјална страница.

Третото издание на „Охрид трчаТ“ ќе претрпе одредени измени во настаните кои се во склоп на настанот. Трките на различностите и средните училишта ќе останат и Детската трка исто така, луѓето позади сцената на „Охрид трчаТ“ ќе имаат свој ден, а мала промена ќе има во Ноќната трка, која ќе се одржи в петок, на 31 мај, два дена пред главниот настан на 2 јуни. На 1 јуни (сабота) сите пријавени на определено место ќе си ги подигнат стартните пакети и ќе одбројуваат до почетокот на најголемата спортска манифестација во Охрид.