Почна „Маршот за наука“, стотици протести за акција против климатските промени

Стотици протести, во име на науката, се најавени денеска низ целиот свет. Некои веќе завршија, како оние во Австралија, Нов Зеланд и источните азиски земји, додека во моментов траат маршевите во Европа.

Десетици илјади научници ќе маршираат во револт од отфрлањето на климатските научни податоци од политичарите. Најавени се повеќе од 600 маршеви, најголемиот дел од нив концентрирани во САД, Европа, Јужна Америка и Австралија, поради предупредувањето на организаторите дека науката е „под напад“ од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

На транспарентите можеа да се видат пароли како: „Океаните се подигаат, исто и ние“,  „Наука, а не молк“ (science not silence), „Нема план Б“, или „Што бараме? – Наука, Кога? – По рецензија“.

Маршевите, кои се одржуваат на Денот на Планетата Земја, доаѓаат една недела пред „Граѓанскиот Климатски Марш“, серија на масовни настани за климатските промени кои ќе бидат отворено политички.

„Двата марша одат рака под рака. Бидејќи нападот врз науката не ги засега само научниците, туку ја засега и нивната способност да ги заштитат луѓето, климатските промени се најдобар пример за тоа. Кога политичарите се здружуваат со интересите за фосилни горива, отфрлајќи ја основната реалност на климатската наука и форсирајќи анти-научна климатска политика, тоа ги загрозува работните места, правдата и животниот век на обичните луѓе“, вели за Гардијан, Џорџ Супран, експерт за обновлива енергија од Универзитетот Харвард.