Почна издавањето на „Стрип алманах“ од македонски автори

Македонскиот стрип центар со седиште во Велес започна со издавање на „Стрип алманах“, составен од дела на македонски автори.

Ова списание е финансиски поддржано од страна на Министерството за култура на Република Македонија и може да се набави во стрипарницата „Бункер“ во Скопје.

Во првиот број од „Стрип алманах“ всушност е специјален број од ревијата „Стрип креатор“ објавени се кратки стрипови од македонските цртачи: Ненад Станчев, Горан Мазнев, Бојана Милчевска, Милан Милиќ, Мирко Бојаџиевски, Ѓунај Абдулов, Оливер Цветковски, но присутен е и Саша Арсениќ од Србија, како и македонскиот стрип доајен Миле Топуз, кој ја изготви насловната страница.

Сценарист на сите стрипови е Ване Трајков, воедно и извршен директор на СЦМ-Велес, којшто потсетува на перманентната работа во афирмирањето на нови лица коишто ја збогатуваат македонската стрип сцена.

За разлика од традиционалниот „Стрип креатор“, кадешто се објавуваат стрипови од Интернационалниот Стрип салон во Велес, преку „Стрип алманахот“ се сака да се пополни едногодишната празнина помегу две одржувања на најреномираната стрип манифестација кај нас.

Според Трајков, присуството на гостинот од Србија, како и на ветеранот Топуз не е грешка, туку напротив – претставува солидна можност за споредба со сегашните творечки квалитети кај македонските стрип цртачи.

Извор: Cooltura.mk