Почина Вања Лазарова

Пејачката и доајенка на македонската етно музика, Вања Лазарова – Димитрова, почина денес на 86-годишна возраст во Скопје.
Лазарова е родена на 27 април 1930 во с. Страцин, Кратовско. Работела во Операта во Македонскиот народен театар, а беше и членка на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“.
Лазарова во својата кариера има испеано стотина македонски изворни народни песни, а ќе остане запаметена и како единствениот македонски артист кој настапувал пред британската кралица Елизабета II и тогашниот премиер, Винстон Черчил.

Меѓу најпознатите песни препеани од Вања Лазарова, се „Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“ и други. Во поблиското минато, Лазарова го промени стилот на музика, преку соработките со групата Анастасија и диџејот Кирил Џајковски. Преработи во современ звук традиционални македонски песни, во албумот „Ритмистика“.

За нејзиниот живот и творештво е снимен и документарецот „Вања: Со маки сум се родила“, во режија на Синиша Евтимов.