Почина Роберт Тејлор, еден од творците на интернетот

Еден од креаторите на интернетот и компјутерите, Роберт Тејлор, почина на возраст од 85 години во Сан Франциско. Тејлор страдаше од Паркинсонова болест и почина во четвртокот во својот дом, соопшти неговиот син Курт Тејлор.

Во текот на 1966 година, кога тој работел за агенцијата на Министерството за одбрана, која е одговорна за развој на нови технологии за Армијата на САД, Тејлор го предводел создавањето на првата компјутерска мрежа во светот, која подоцна прерасна во интернет.

Тејлор претходно, во 1961 година, бил проектен менаџер за НАСА, а му помагал и на американскиот пронаоѓач и компјутерски пионер Даглас Енгелбарт, кој во тоа време работел на развојот на современиот компјутерски глушец.

„Како и да погледнете, од почетокот на интернетот, до револуцијата во полето на персоналните компјутери, Боб Тејлор беше клучен архитект на современиот свет”, рече Лесли Берлин, историчар од Универзитетот Стенфорд.