Почина пронаоѓачот на мејлот и „@“ Реј Томлинсон

Интернет пионерот Реј Томлинсон, познат како пронаоѓачот на електронската пошта почина на возраст од 74 години. Американскиот компјутерски програмер овозможи електронски пораки да се испраќаат од една мрежа на друга, во 1971 година.

Неговиот изум го вклучи и симболот „@“, кој денеска претставува стандард при создавање на секоја е-мејл адреса.

Томлинсон починал во саботата, од срцев удар, пренесуваат медиумите. Тој го испратил, она што сега се смета за првиот мејл додека работел во Бостон како инженер за истражувачката компанија „Болт, Беранек и Њуман“.

Фирмата одиграла голема улога во развојот на раната верзија на интернетот, позната како Арпанет.

Подоцна, Томлинсон изјавил дека не може да се сети што напишал во првата порака, опишувајќи го како „сосема заборавно“. Неговата работа беше призната од неговите колеги во 2012 година, кога беше вклучен во Интернет холот на славните.