Почина познатиот американски телевизиски и радио новинар Лери Кинг

Преку официјално соопштение на Твитер профилот на американскиот телевизиски и радио новинар Лери Кинг, денеска беше соопштено дека тој починал во болница во Лос Анџелес, јавува „Индипендент“.

„Со огромна тага, ‘Ора Медиа’ ја објавува веста за смртта на нашиот коосновач, водител и пријател Лери Кинг, кој утрово почина на 87-годишна возраст во Медицинскиот центар Цедарс-Синај во Лос Анџелес“, се вели во соопштението.

„63 години низ платформите на радијата, телевизиите и дигиталните медиуми, илјадниците интервјуа на Лери, наградите и глобалните признанија претставуваат доказ за неговиот уникатен и траен талент“, се додава во соопштението.

Причината за смртта сè уште не е соопштена, но „Си-Ен-Ен“ претходно овој месец објави дека Кинг се борел со коронавирусот, повикувајќи се на извор близок до неговото семејство.

Кинг преживеа масивен инфаркт во 1987 година. Во 2017 година пак, откри дека бил лекуван од рак на белите дробови, две години подоцна направил ангиопластика и претрпел мозочен удар.

Во неговата кариера која траеше шест децении, Кинг интервјуираше неверојатен број на познати личности, политички лидери и јавни личности, вклучувајќи го и секој претседател на САД, од Ричард Никсон до Доналд Трамп.

Роден во Њујорк во 1933 година, Кинг ја започна својата кариера во новинарството, како локален репортер во Флорида.