Почина поранешниот пратеник Амди Бајрам

На 64-годишна возраст денеска почина поранешниот пратеник и политичар Амди Бајрам, потврдија од Сојузот на Роми за МИА. Како што објавија медиумите, тој имал проблеми со срцето, а постсмртно ќе му биде направен и тест за Ковид 19.

Бајрам во 1994 стана пратеник во Собранието на Република Македонија како член на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), но до крајот на мандатот работеше како независен пратеник. Во 1996 ја основа Сојуз на Ромите од Македонија.

Има завршено средно трговско училиште, а извесно време бил генерален директор на текстилното претпријатие „Шутекс“.

Во Собранието, досега членувал во неколку пратенички групи, како и во Комитетот за односи меѓу заедниците.

Во 2004 беше обвинет за кражба на платно од штипската фабрика „Македонка“. Иако првично беше осуден на 7-годишна казна затвор, таа потоа му беше намалена на 4 години. На локалните избори во 2005, додека пресудата уште не беше правосилна, се кандидираше за градоначалник на Шуто Оризари. Иако победи, беше градоначалник нецел месец бидејќи беше однесен на издржување затворска казна во затворот во Штип.

Во 2007 казната му беше намалена за шест месеци од претседателот Црвенковски, а во 2008 излезе од затвор и се врати во политиката влегувајќи во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но ја напушта во декември 2016 година кога на власт дојде СДСМ.

Бајрам оттогаш ја поддржуваше владејачката партија, а пратеник беше до јули 2020 година.

Тој е татко на политичарот Елвис Бајрам, кој беше градоначалник на Општина Шуто Оризари во периодот 2009–2017.