Почина полскиот режисер Анджеј Вајда

Полскиот режисер, добитник на Оскар, Анджеј Вајда почина на 90 години, потврди полската филмска асоцијација.

Тој направи повеќе од 40 филмови во својата 60-годишна кариера. Повеќето филмови, меѓу кои „Канал“, „Човекот од мермер“, „Човекот од железо“ и „Катињ“ беа инспирирани од турбулентниот воен период во Полска и комунистичката историја.

Во 2000 година, Вајда беше награден со Оскар за животно дело за неговиот придонес на светската кинематографија.

Според странските медиуми, Вајда неодамна бил однесен во болница, а неофицијално причина за неговата смрт е откажување на белите дробови.

Полскиот експремиер и шеф на Советот на Европа Доналд Туск напиша на Твитер:„Сите произлеговме од Вајда. Гледавме на Полска и на себеси низ него. И подобро разбиравме. Сега ќе биде тешко“.

Неговиот најнов филм „Призрак“ беше номиниран за полски претставник на Оскарите за 2017 година. „Човек од железо“ ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал во 1981 година.

Вајда во една прилика изјави „Господ им дал на режисерите две очи – едно око за да гледаат во камерата, а другото за да бидат на штрек за се што се случува околу нив“.

Вајда е роден во 1926 во североисточниот полски град Сувалки. Татко му бил меѓу жртвите во масакрот во Катињ во 1940, што го изведе Советскиот сојуз врз полските офицери. За време на Втората светска војна бил член на движењето на  отпорот против фашизмот. Потоа студирал сликарство, пред да се запише на Филмската школа во Лоѓ. Во 1955 дебитира со „Генерација“, по што следеа „Канал“ и „Пепел и дијаманти“, што ја создаде трилогијата за воениот живот во Полска.

Некои од неговите филмови беа забранувани за време на комунизмот во Полска. Дури по паѓањето на комунизмот во 1989 година, тој можеше да го реализира својот филм „Катињ“.

„Никогаш не помислив дека ќе доживеам да го видам моментот кога Полска ќе биде слободна држава. Мислев дека ќе умрам во тој систем. За мене беше огромно изненадување што доживеав да ја видам слободата“, изјави Вајда во едно интервју во 2007 година.

На првите слободни избори во Полска во 1990 Вајда е избран за сенатор и отслужи две години во Горниот дом на парламентот. Вајда ги остави зад себе четвртата сопруга, актерката и сценографка Кристина Захватович и ќерката Каролина.