Почина Питер Грин, еден од основачите на култниот бенд „Флитвуд Мек“

Почина коосновачот на бендот „Флитвуд Мек“, Питер Грин кој воедно беше и влијателен блуз и рок гитарист.

Портпаролите во име на семејството соопштија дека викендов, Грин заминал спокојно во својот сон.

Грин, заедно со тапанарот Мик Флитвуд во 1967 во Лондон го формираа бендот „Флитвуд Мек“. Потоа во бендот се придружува и Џон МекВи како бас гитарист.

Грин ја напишал препознатливата инструменталка „Албатрос“, која останува единствениот број еден хит на бендот, како и два постари хита „Black magic woman“ и „Оh well“.  Бендот ги продуцира првите три албуми според дирекцијата и замислата на Питер Грин.

Деби албумот на „Флитвуд Мек“ излегол во 1968 година. Со едноставно име, но познат и како „Флитвуд Мек на Питер Грин“, албумот добил позитивни критики и се искачил на четвртото место на топ листите.

Грин го напуштил бендот по последниот настап во 1970, поради проблеми со неговото ментално здравје. За кратко време му била дијагностицирана шизофренија и бил хоспитализиран се до средината на 70тите.

Освен Грин составот на „Флитвуд Мек“ го сочинувалe и Стиви Никс, Линдзи Бакингхем, Џон МекВи, Кристин МекВи, Дани Кирван и Џереми Спенсер – сите претставени во „Рокенрол халата на славните“ во 1998.

Веста за смртта на Грин беше објавена откако бендот најави дека ќе објави ретроспективни изданија кои би ги документирале почетоците на бендот помеѓу 1969 и 1974 година.

Питер Грин беше еден од најдобрите блуз гитаристи родени во Велика Британија. Неговите трансформирачки рифови и долги импровизации го направија „Флитвуд Мек“ еден од највозбудливите бендови за слушање во живо, за времето на „Блуз експлозијата“ во 1960 години.

Грин започнал со свирење на гитарата на 10 годишна возраст и ги проучувал Мади Вотерс, Бади Гај, БиБи Кинг и Хенк Марвин.

Извор: BBC