Почина Павлина Апостолова- Богданова, една од основоположниците на македонската опера

Некогашнат првенка на македонската опера, Павлина Апостолова- Богданова почина во Скопје на 90 годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.

Оперската певица, која има стаус на истакнат македонски уметник, припаѓа на првата генерација оперски солисти што ја формираа македонската оперска сцена и музичка култура.

Со својот сопруг Петре Богданов – Кочко, еден од основоположниците на македонската Опера, но и композитор, педагог и певец, Апостолова е вградена во темелите на современата македонската култура.

Таа е родена на 16 мај 1927 година во Тетово. Во 1950 година дебитирала на оперската сцена на Македонскиот народен театар, со улогата на Мими во операта „Боеми“. Постојан член на Операта и на МНТ била до 1983 година.

Реализирала 40 главни улоги од класичниот, современиот и домашниот оперски репертоар. Автор е на монографијата „Мојот пат во оперската уметност“, а настапувала и во сите поголеми оперски центри на поранешна Југославија.

Апостолова е погребана денеска, во кругот на најблиските.