Почина Мајкл Чимино, режисерот на „Ловец на елени“

Режисерот на култниот американски филм „Ловец на елени“ од 1978 година за Виетнамската војна почина, потврди неговиот пријател и поранешен адвокат.

Телото на Оскаровецот Мајкл Чимино, е пронајдено во неговиот дом во Лос Анџелес во саботата, рече Ерик Вајсман.

Чимино, 77, кој режираше вкупно осум филмови, ќе биде запаметен по кариерата исполнета со издигнувања и падови.

Додека „Ловец на елени“ беше поздравен како еден од најдобрите филмови во историјата на Холивуд, неговиот следен проект „Рајска порта“, беше изложен на потсмев како неуспешен.

Вајсман вели телото на Чимино било пронајдено откако пријателите не биле во можност да го контактираат. Причината за смртта се уште не е утврдена.

Филмот „Ловец на елени“, со неговата позната сцена со руски рулет, а во кој глумат Роберт де Ниро и Кристофер Вокен, освои пет Оскари, вклучително и наградата за најдобар филм во 1979 година.

Во 1985 година повторно да ја добие милоста на продуцентите, критиката и публиката со „Година на змејот“, филмот за кинеската мафија со Мики Рурки во главната улога, но тогаш азиската заедница во САД го обвинуваше за расизам.

Потоа, следуваа три комерцијални неуспеси: „Сицилијанец“ (The Sicilian) од 1987 година, работен според истоимениот роман на италијанскиот писател Марио Пуцо, „Часови на очајот“ (Desperate Hours, 1990) и „Сонцоловец“ (The Sunchaser, 1996). Во 2007 година го сними „Преводот не е потребен“ епизода од францускиот серијал „Секому свое кино“ (Chacun son cinema).

Во 2001 година, Франција му го додели одликувањето за витез на уметноста и книжевноста.