Почина Lemmy Kilmister, фронтменот на Motörhead

Една од најкарактеристичните фигури во тврдиот рок, фронтменот на групата Motörhead, Lemmy Kilmister, почина денеска на 70-годишна возраст, по кусата борба со агресивна форма на рак, јавуваат медиумите.

„Нема лесен начин да се каже ова… нашиот силен, благороден пријател Lemmy почина денеска. За својата болест дозна на 26 декември и беше дома, со неговото семејство. Не можеме да го искажеме нашиот шок и нашата тага, но засега, ве молиме, пуштете Motörhead силно“, напишаа членовите на бендот на својата страница на Фејсбук.

Ian Fraser “Lemmy” Kilmister е роден во Стафордшир, во Англија, во 1945 година. Како млад, патувал со бендот на Jimi Hendrix Experience и свирел со повеќе групи. Тој беше пејач, басист, главен композитор, основач и единствениот константен член на Motörhead од основањето на групата во 1975 година. Низ годините, легендарниот бенд издаде повеќе од 20 студиски албуми, кои беа продадени во над 30 милиони примероци. Последниот албум, „Bad Magic“, беше издаден во август годинава. Motörhead беше инспирација за многу бендови и музичари од овој дел од музичкиот спектар, од Metallica и Guns N’ Roses, до Dave Grohl.

Lemmy беше вистинска икона на рок-музиката, а беше и познат по неуморната употреба на дрога и алкохол. Според неговото признание, тој пиел по едно шише виски Jack Daniel’s секој ден откога наполнил 30 години, а ја оправдуваше и употребата на амфетамини. Пред неколку месеци, Lemmy најави дека преминува од виски на вотка, „од здравствени причини“. Во интервју за Гардијан минатата година, тој изјави: „Очигледно, уште сум неуништлив“, додавајќи дека единственото нешто што може да го спречи да се занимава со музика е смртта.