Почина легендарниот боксер и борец за човекови права Мухамед Али

Легендарниот боксер Мухамед Али и шампионот за граѓански права, кој самиот се прогласи за „најдобриот“ почина на 74-годишна возраст.

Али почина во болницата во Феникс, каде што ги поминал последните неколку дена, лекувајќи се од респираторни компликации, соопшти неговиот портпарол.

„По 32 години борба со Паркинсоновата болест, Мухамед Али почина на возраст од 74 години. Трикратниот светски шампион во тешка категорија почина синоќа“, потврди портпаролот.

Погребната церемонија ќе се одржи денес во неговиот роден град Луисвил, Кентаки.

Иако неговото здравје се влошуваше последниот период, Али не беше срамежлив пред политиката и контроверзиите. Во декември тој упати критика за републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп, кој тогаш изјави дека треба да им се забрани влез на муслиманите во САД.

„Ние како муслимани треба да им се спротивставиме на оние кои го користат исламот за да ги унапредат своите лични агенди“, рече тој.

Али во 60-тите беше млад шампион во тешка категорија, кога го прифати исламот како своја религија и одби да служи во Виетнамската војна. Со овој потег, тој стана симбол на сила, елоквентност, совест и храброст. Тој се спротивставуваше на наметнатиот естаблишмент и ги поместуваше границите и бариерите, расата и религијата.

Роден како Касиус Клеј Маркел на 17 јануари 1942 година во Луисвил, Кентаки, бил дете на родители од средната класа. Али започнал со бокс кога имал 12 години, освојувајќи „Златни ракавици“ пред да замине за Олимписките игри во 1960 година во Рим, каде што го освои златниот медал во тешка категорија.

Кратко потоа, станал професионалец. Кога неговата кариера како боксер почнала да цвета, Али се спротивставил на американскиот расизам. Откако не го послужиле на каса кога купувал сок, тој рече дека го фрлил олипмискиот медал во река.

Неговото преминување во исламот ги подели неговите спортски фанови и американската јавност. Тој успешно ја одбрани својата титула шест пати, вклучително и реваншот со Листон. Потоа, во 1967 година, кога му пристигнала поканата за да служи војска во Виетнам, Али одбил.

„Мојата совест не ми дозволува да одам и да пукам во брат ми, или во некои потемни луѓе, сиромашни, гладни луѓе во калта, за голема и моќна Америка, и да пукам во нив за што?“, изјави Али во едно интервју.

„Тие никогаш не ме нарекле црнец. Никогаш не ме линчувале и не пуштале кучиња по мене“, изјави Али.

Тој успешно ја одбрани својата титула се до 1978 година кога беше претепан од младиот Леон Спинкс, а потоа брзо ја врати назад победата. Али се повлече во 1979 година, кога имаше 37 години, а наредната година се врати за уште еден натпревар со Лари Холмс, кој го изгуби. Изгуби и наредната година во борба со Тревор Бербик, по што Али конечно замина во пензија.

По боксот, тој се посвети на патувањето, појавувајќи се на многубројни хуманитарни настани. Али се сретна и со огромен број на претседатели, кралски семејства, шефови на држави и со папата.

Во 2005 година, американскиот претседател Џорџ Буш, му го додели на Али Претседателскиот медал на слободата, а во неговиот роден град Луисвил го отвори центарот Мухамед Али, кој го бележи неговиот живот, но исто така, претставува место за промовирање на толеранција и почит.

Во последните неколку години, болеста се засилила и едвај можел да зборува. По барање да ја сподели својата лична филозофија, во 2009 година, тој и неговата сопруга прочитале есеј, каде во еден дел велат:

„Никогаш не размислував за можноста од неуспех, туку само за славата и успехот што ќе ги добијам кога ќе победам. Можев да видам, да го почувствувам тоа. Кога се прогласив дека сум најдобриот на сите времиња, верував во себе и се уште верувам во тоа“.