Почина легендарната дизајнерка и колумнистка Жужи Јелинек

Во својата 99-та година, во Загреб почина Жужи Јелинек, легендарната загрепска дизајнерка, стилистка, колумнистка. Таа 22 години пишуваше колумна за сексот во хрватскиот неделник Глорија, со вкупно 1088 статии, а има напишано и бројни книги.

Последната колумна ја објави на 12 декември минатата година.

„Ова за што денеска мислам да пишувам, ме преокупира веќе некое време. Последната година посебно. ‘А имав само 98!’. Отпрво се обидев да се оттргнам од тоа, како нешто ‘што не ми приличи’, нешто што Жужи Јелинек не смее да си го дозволи, за малку по малку да почне се повеќе да ме оптоварува, па и да не ми дава мир. Нема да кажам дека почнав животот да го гледам поинаку, дека станав некој песимист, но забележував дека годините сепак си го прават своето. А, тоа сознание не е баш пријатно“ – ја започна Жужи својата последна колумна.

Родена како Сузана Фабер во Будимпешта во 1916 година, како најмлада од три деца, легендарната Жужи пораснала во сиромашно еврејско семејство. Нејзините родители, двајцата глуви, се запознале во Будимпешта, каде родителите ги испратиле во училиште специјализирано за работа со глувите.

Со само 17 години, Жужи почнала да работи во париската фабрика на Нина Ричи како кројачка. Кусо време работела и за познатата модна дизајнерка Коко Шанел.

zuzi-3

 

Во 1941 година, таа се омажила за својот прв сопруг, загрепскиот стоматолог Ерих Јелинек. Со него имала две деца, синот Ивица и ќерката Дијана.

„Првиот пат беше во 1941 година за докторот Ерих Јелинек. Бев толку млада и заљубена, неискусна…. Не знаев да пазам на него. Многу патував и еднаш бев во Јапонија, дури два месеца“, изјавила Јелинек во 2012 година во голем разговор за Вечерњи лист.

zuzi-5

Виорот на Втората светска војна не ги поштедил ни Евреите во Хрватска, па така Жужи ги загубила двајцата браќа.

„Двајцата мои браќа ги стрелаа усташите, поради еврејското потекло, а родителите, иако двајцата глувонеми, не беа додатно казнети. Мораа да го гледаат погубувањето на своите деца. Еден од моите браќа, пред да биде стрелан, го извадил рачниот часовник и и го дал на мајка ми . Замислете колкава болка доживеала таа жена“, раскажувала Жужи.

Во текот на Втората светска војна дознала и дека усташите сакаат да ја депортираат неа и нејзините родители во логорот Јасеновац. Како би ги спасила, завела еден италијански војник, а потоа коментирала: „Платив за животот на своите родители со секс и не ми е жал. А, што ќе мислите вие за мене, баш ми е гајле.“

Во 1943 година им се придружила на партизаните, каде била болничарка. По крајот на војната, Жужи и се вратила на својата љубов – модата и станала кројачка.

zuzi-4

Кон крајот на 50-те години на минатиот век, почнала со ревии во странство, а домашниот печат ја нарекувал „амбасадорка на модата“.

Во 2013 година, Јелинек ја завршила својата десетта и последна книга „Да живеат мажите“, составена од колумните во неделникот Глорија.

Понудата од Спилберг

Хрватската радиотелевизија продуцираше биографски документарен филм за легендата на хрватската модна сцена. Насловен „Мислам дека јас тоа не го заслужувам“, документарецот од 40 минути првпат беше прикажан во 2007 година. Славниот режисер Стивен Спилберг сакал да сними филм за нејзиниот живот, но Жужи тоа го одбила.

Спилберг ја барал да биде главна советничка на филмот за жена од еврејско семејство која си ги спасила родителите ризикувајќи го сопствениот живот. Жужи не сакала да помине две години во Америка, па го одбила тој предлог.

Во 80-тата година од животот, витална како и секогаш, се омажила по четврти пат. Последниот брак и бил за судијата Милорад Ронкулин, од кого рекла дека е задоволна.

„Мојот маж е идеален, за жал, секс нема. Затоа што тој е веќе постар, има 95 години и не му се дига. Но, мене тој ми е драг и добар. Па сум задоволна од него“, изјавила Жужи во 2014 година.

zuzi-2

Легендарната Јелинек ќе остане запаметена и по своите директни изјави, без влакна на јазикот:

За врските: 

„Имав многу мажи додека бев слободна, но никогаш не ги изневерував сопрузите. Тука има многу работа, затоа што треба да го организирате животот и со мажот и со љубовникот. Сега ми е жал за секој маж што сум го одбила. Затоа, им советувам на жените да си го приуштат секој фраер што ќе го посакаат. После би можеле да се каете за пропуштените можности“

За парите и староста:

„Кога си млад, не ти пречи сиромаштијата. Кога ќе остариш, работите се менуваат и парите стануваат многу потребни. Плаќам двајца домари и готвачка и тие се грижат за моите и за потребите на мојот сопруг. Сега ни е важно да имаме послуга, а за тоа треба да работиш и да се грижиш уште додека си млад. Староста не смее никого да затекне без имот, затоа што тогаш се е уште потешко. Што би правеле ние сега?“

За вистинската љубов: 

„Вистинската љубов не поминува никогаш. Мојот прв маж, Јелинек, го сакав и со радост работев по цели денови за да стекнеме нешто. Тој ме изневери со куќната помошничка и јас преку тоа не можев да поминам. Сега би постапила поинаку. Би останала со него. Се уште го сонувам. Кога мојата ќерка се разведуваше, јас се обидов да ја спречам. И реков – нека барем најде некој друг пред тоа. Немој да ја фрлаш нечистата вода, додека немаш чиста. Не ме послуша.“

Извор: Telegram.hr