Почина комичарот Боб Сагет

Американскиот актер и комичар Боб Сагет, најпознат по улогата на Дени Танер во „Полна куќа“ (Full House) и водител на „Американските најсмешни домашни видеа“ ненадејно почина на 65-годишна возраст, соопшти неговото семејство.

„Жал ни е што мора да потврдиме дека нашиот сакан Боб почина синоќа. Тој беше се` за нас и сакаме да знаете колку сакан беше од неговите фанови кога настапуваше во живо и ги зближуваше луѓето со смеа“, напишаа од неговото семејство.

Сагет бил пронајден мртов во хотелска соба во Орландо, Флорида. Според медиумските натписи тој претходната вечер имал стенд-ап настап на кој кажал дека е „зависник од комедија“.

Според информациите на неговиот вебсајт, Сагет турнејата ја правел во хуманитарни цели, собирајќи средства за Фондацијата за истражување на склеродермија, хронична болест од која починала неговата сестра во 1994 година.

Во 2020 година тој започна свој подкаст наречен „Боб Сагет е тука за тебе“ (Bob Saget’s Here For You), каде правеше интервјуа со многу познати комичари и ѕвезди од филмската индустрија.