Почина Кофи Анан, поранешен генерален секретар на ООН и нобеловец

Поранешниот генерален секретар на Обединетите нации, Кофи Анан, почина на 80-годишна возраст. По потекло од Гана, тој беше првиот црн Африканец на чело на ОН. Како генерален секретар на ОН работеше во периодот од 1997 до 2006 година, во два мандата. Во 2001 година ја доби Нобеловата награда за мир за хуманитарна работа и залагања.

Роден е во Гана 1938 година, а го завршил Институтот за напредни меѓународни студии во Женева. Тој беше седми генерален секретар на ОН и прв Африканец на оваа позиција. Беше и функционер на Светската здравствена организација и помошник на генералниот секретр за мировни операции на ОН во Босна и Херцеговина. Од октомври 1995 година беше и специјален претставник на ОН за поранешна Југославија.

Тој исто така беше и специјален пратеник на Светската организација за Сирија, обидувајќи се да пронајде мировно решение, но исфрустриран од тоа што не доби поддршка од Советот за безбедност на ОН тој се повлече од функцијата.

До неодамна тој постојано се обидуваше да го заврти вниманието на светската јавност на проблемот на бегалците, особено на ситуацијата на Рохингите во Мјанмар.

За негово најголемо достигнување се сметаат Милениумските развојни цели, со кои, за прв пат, се поставија глобални цели по прашањата за борба против сиромаштија и смртноста на децата. Тој беше на чело на ОН во периодот на реформирање на меѓународното тело, но и во периодот на Иранската војна и пандемијата на ХИВ/СИДА во светски рамки.

Анан трпеше и критики за неуспехот на ОН да го спречи геноцидот во Руанда во 90-те години на минатиот век, кога тој беше на чело на мировните операции со „ сините шлемови“.

Веста за неговата смрт ја потврди Фондацијата „Кофи Анан“, со обраќање до јавноста преку профилите на социјалните мрежи.