Почина Кери Фишер, принцезата Леиа од „Војна на ѕвездите“

Американската актерка Кери Фишер, најдобро позната по нејзината улога на принцезата Леиа во серијалот „Star Wars“, почина денес на 60-годишна возраст, неколку дена откако преживеа срцев удар.

Фишер почувствувала болка на лет од Лондон до Лос Анџелес и беше однесена во болница венднаш откако авионот слета. Иако нејзината мајка, Деби Рејнолдс, наредниот ден објави дека Кери е подобро, семејството објави дека починала изутринава.

Освен што глумеше во филмови како „The Blues Brothers“ и „When Harry Met Sally“, Фишер беше и авторка на четири романи и три мемоари.

Во изјава објавена во име на нејзината ќерка Били Лурд, портпаролот Сајмон Холс вели: „Со длабока така Били Лурд потврдува дека нејзината сакана мајка Кери Фишер почина во 8:55 часот утрово.

Таа беше сакана од цел свет, и најискрено ќе ни недостига. Целото наше семејство ви се заблагодарува за вашите мисли и молитви“.

Како ќерка на пејачот Еди Фишер и актерката Деби Рејнолдс, Кери Фишер го имаше своето филмско деби со Ворен Бити во филмот „Shampoo“ во 1975 година.

Најмногу се прослави со култната улога на Леиа, во оригиналната трилогија „Star Wars“ на Џорџ Лукас, улога која ја репризираше и минатата година во седмата епизода, „The Force Awakens“.

Живеше напорен приватен живот, а често зборуваше за своите години во кои се справувала со ментална болест и зависност од дрога.

Неодамна го објави својот последен мемоар, „The Princess Diarist“.