Почина Карлос Руиз Зафон, еден од најчитаните шпански писатели

Романсиерот често беше претставуван како најчитаниот шпански автор по Сервантес.

Според издавачот на Зафон, тој починал денес во неговиот дом во Лос Анџелес.

„Ние го изгубивме еден од најчитаните и најомилените шпански автори. Карлос Руиз Зафон, романсиерот на нашата епоха, даде значаен придонес кон модерната литература“, истакнал на својот Твитер профил шпанскиот премиер Педро Санчез.

Издавачката куќа на Зафон, „Планета“, во оваа прилика се обрати со цитат од книгата „Сенката на ветерот“, трилер чија тематика е една библиотека полна со чудесни наслови.

„Секоја книга, секој еден том, има душа. Тоа е душата на оној што ја напишал, но и душите на оние кои ја прочитале, живееле и сонувале со неа“, гласи цитатот.

Книгите на шпанскиот автор се преведени на повеќе од 40 јазици, а во светот се продадени околу 38 милиони копии од неговите ракописи. Зафон е автор на осум романи, меѓу кои се и „Играта на ангелот“ и „Лавиринтот на духовите“.

Роден во Барселона, Руиз Зафон работел во сферата на маркетингот пред да дебитира со неговиот ракопис од 1993 година, „Принцот на росата“. Во 2001 година, тој ја објавува „Сенката на ветерот“, приказна која го следи животот на момчето по име Даниел. Даниел ќе се најде на гробиштата на изгубените книги во Барселона и ќе стане фасциниран од авторот Џулијан Каракс, но и од сенишната фигура која се обидува да ги уништи сите дела на Каракс.

Романот беше преведен на англиски во 2004 година и стана интернационален хит.

Извор: Guardian