Почина драматургот Горан Стефановски

Горан Стефановски, еден од нашите најпознати драматурзи, ненадејно почина во Лондон на 66 годишна возраст.

Горан Стефановски (роден во Битола, 27 април 1952) е македонски драмски писател. Завршил Филолошки факултет во Скопје, англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрирал на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“.

Работел во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година бил професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а од 2004 година е и член на Македонската академија на науките и уметностите. Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“…


АНДРЕЈА: Кога ќе ни се придружиш и ти! Тука е јадецот. Многу се таквите што сакат да седат во публика, да грицкаат семки и да чекаат голови. А треба да се трча. Да се трча!

СИМОН: Мене лекарот ми забрани да трчам. (Пауза.)
Можам да бидам аутсудија.

ДИМИТРИЈА: Политиката е карта. А карта е Марта. А Марта е курва. Сето тоа е „Слези Курто да се качи Мурто“. Сум ја кркал таа манџа. Забранувам во оваа куќа да се зборува за политика.

АНДРЕЈА: Каква политика? Ова се алваџиски муабети. Вие сте аматери политичари. Вашата политика е што ќе научите и што ќе прочитате по вечерни весници.

СИМОН: А ти твојата ја цедиш од на господ мадињата. Е бре, Андреја, не се занесувај. Сме биле на твои години.

АНДРЕЈА: И сте пораснале и не ви дошол умот в глава.

*Фрагмент од драмата „Диво месо“ (1979 година)


ЈАКОВ: Затоа што сум жив. Вам ви е сеедно. Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе. (Дупло Дно)

ЦИБРА: Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. (Тетовирани души)

КИРО: Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие ќе знае што да прави со нив. (Лет во место)

АНАСТАЗИЈА: Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно. (Жив Човек)

НИКОЛА: А што значи самоубиство? Нас не повика татковината. Јас зедов пушката и тргнав. Како и татко ми пред мене. Имам вера во Бога. Имам вера во власта. (Екс-ју)

ЈАКОВ: Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот. (Дупло Дно)

ДИМИТРИЈА: Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата…  (Диво Месо)

*Неколку цитати од македонскиот драматург

————————————————————————————————————————————————————–