Почина Дионис Пашлаков, колекционерот на автомобили запаметен по филмот „Аvec l’amour“

На 71 година, по повеќемесечна борба со тешка болест, почина Дионис Пашлаков, човекот кој не ја криеше својата страст кон олдтајмерите, па следејќи го неговиот животен сон го отвори првиот музеј за олдтајмери во родното Неготино.

Пашлаков стана познат на македонската, но и на светската јавност откако се прикажа филмот „Со љубов“ (Аvec l’amour), документарец кој ги следи подвизите и итроштините на пензионираниот професор по биологија додека тој се обидува да ја зголеми својата автомобилска колекција.

Во интервју за Радио МОФ, Дионис во една прилика рече дека колекционерството за него не е обврска, туку нешто што го прави со ќеиф, за градот, но и државата, да има наследство со кое ќе се гордее.

Притоа, Пашлаков дополни дека со овој филм тој успеал на повисоко ниво да ја претстави својата желба да остави свое културно наследство за градот и државата која останала занемарена 25 години.

Документарен филм „Со љубов“ на младиот неготинец Илија Цветковски, доби неколкуминутни стоечки овации на премиерата при осмото издание на фестивалот „МакеДокс“.

Сонот на пензионираниот професор по биологија Дионис Пашлаков, да направи музеј за своите 108 одлтајмери, успеа да разнежни многумина, но и да насмее.

„Изложен на притисоци, на потсмевања. Даскале, фрли го тоа ѓубре и купи си една кола, вози се како човек. Упорно стоев и се спротивставував на тоа и сакав на македонската јавност, особено на мојот град, да им покажам дека светот го цени ова мое хоби“, истакна Пашлаков по скопската премиера.