Почина Чедвик Боузман, ѕвездата на „Црниот пантер“

Американскиот актер, Чедвик Боузман, кој се прослави со улогата во „Црниот пантер“, почина на 43-годишна возраст.

На Боузман му бил дијагностициран рак на дебелото црево пред четири години, но болеста на актерот не беше јавно објавена. Веста за неговата смрт беше официјално соопштена преку неговиот Твитер профил.

Боузман работеше на бројни филмски и ТВ проекти изминативе две децении, а се проби играјќи улоги од реалниот живот, како што се безбол легендата Џеки Робинсон и соул пејачот Џејмс Браун.

Сепак, светска слава стекна со главната улога во „Црниот пантер“, блокбастерот од 2018 година. Во овој филм, Боузман ја има улогата на владетел на Ваканда, фиктивна африканска нација која ја поседува најнапредната технологија на Планетата.

Освен што доби одлични критики и заразботи повеќе од 1,3 милијарди долари во кината ширум светот, филмот се смета за културна превртница поради тоа што речиси сите улоги ги играат Црнци, а има и црн режисер, Рајан Куглер.

„Црниот пантер“ стана првиот филм за суперхерој што добил номинација за најдобар филм на Оскарите.