Почина британскиот актер Alan Rickman

Еден од најценетите и најсаканите актери во Британија во последните 30 години, Alan Rickman, починал синоќа во Лондон на 69-годишна возраст, јавуваат медиумите. Тој бил болен од рак, а неговото семејство ја потврди веста.

Rickman беше најпознат по улогите на професорот Snape во филмовите за Harry Potter и на негативецот Hans Gruber во првиот филм од трилогијата „Die Hard“ од 1988 година, улога што ја добил само два дена откако пристигнал во Лос Анџелес. Gruber беше првиот од тројцата негативци кои Rickman брилијантно ги пренесе на големото платно – во 1991 година, тој беше и шерифот од Нотингам во „Robin Hood: Prince of Thieves“, како и Распутин во ценетиот филм на HBO, во 1995 година.

Откако најпрво направи извонредна кариера во театарот, Rickman повеќепати беше и главен филмски актер. Меѓу забележителните улоги му се оние во филмовите „Truly, madly, deeply“ (покрај Juliet Stevenson), како и „Sense and Sensibility“, „Love, Actually“ и „The Song of Lunch“ (сите заедно со Emma Thompson).