Почина Борис Триван, уредникот на „NOIZZ“ и креатор на профилот „Покојна Милева“

Главниот и одговорен уредник на сајтот NOIZZ, Борис Триван, ненадејно почина во Берлин на 40 годишна возраст. Како причина за смртта се наведува застој на работата на срцето.

Триван беше познат на социјалните мрежи по неговиот имагинарен профил „Покојна Милева“, кој започна како интерна шега со пријателите, но набрзо достигна регионална слава. Преку него, тој  го истражуваше социолошкиот феномен и влијанието на социјалните мрежи.

„Милева го почна својот живот (да не кажам смрт) како интерна шега со моите пријатели на Фејсбук. Роден сум во еднo духовитo, но патријахално семејство склоно на комунизам и 20 години се занимавам со археологија, од кои 10 поминав копајќи по Египет и превртувајќи мртви луѓе во песок. Претпоставувам дека духовитата, мртва партизанка, со цврсти морални начела е сосема логична „последица“ на мојот досегашен живот“, изјави Триван пред многу години кога објаснуваше зошто го зел името Покојна Милева.

Триван е еден од иницијаторите и предавачите на Институтот за дигитални комуникации во Белград. Тој беше ценет колумнист и учествуваше на разни емисии и дебати. За неговите колеги, тој бил личност со огромна енергија, посветеност и страст, кој ќе остави неизбришлива трага во медиумскиот простор.

Борис Триван беше гостин на Конференцијата за друштвен активизам „Енгејџ“ во 2013 во Скопје. Во својата презентација тој ја претстави приказната за „Покојна Милева“. Во продолжение, погледнете ја неговата презентација: