Почина Алберт Удерзо, творецот на Астерикс и Обеликс

Алберто Удерзо, илустраторот на култниот стрип Астерикс, починал во својот дом на 92 години, соопшти неговото семејство.

Францускиот стрип-артист, кој во 1959 година заедно со Рене Гошини ги создаде бунтовните Гали Астерикс, Обеликс, Идефикс, Панорамикс, Тандарабрикс и многу други впечатливи ликови, кои даваа отпор на Римјаните.

Стрипот е еден од најомилените во популарната француска литература, со продадени преку 370 милиони изданија во светот. По ликовите од стрипот беа направени и 11 филмови, како и Астерикс тематски парк.

Секоја епизода на стрипот започнува на ист начин: „50-та година пред нашата ера, Галија е целосно окупирана од Римјаните. Односно, не цела… едно мало село сè уште пружа отпор на окупаторите. А животот за римските легионери, кои се наоѓаат во камповите околу селото не им е едноставен“.

Удерзо се сретнал со Гошини во 1951 година и започнале да создаваат стрип-карактери, меѓу кои и Умпа-Па, кој се смета за претходник на Астерикс. Во 1959 година од нив било побарано да направат списание во кој ќе биде прикажан „типичен француски херој“. Тие прифатиле да ја започнат нивната приказна во античка Галија, а на 20-тата страница од списанието го сместиле Галот Астерикс. Биле продадени преку 300 илјади примероци од списанието.

Неговиот соработник Гошини почина во 1977 година, а Удерзо продолжи сам да ги издава авантурите на Астерикс. „Големата поделба“ беше 25-тиот стрип-албум од Астерикс издаден 1980 година и беше прв стрип самостојно напишан и нацртан од Удерзо. Во 2009 година Удерзо се пензионирал и ги продал правата за ликот на Хачет.