Почина актерот Мето Јовановски

На 77 години почина култниот македонски театарски и филмски актер Мето Јовановски.

„Последниот поклон пред публиката го имаше пред само дваесет дена во својот матичен Драмски театар Скопје. Македонската и регионалната публика останува без актер кој ќе го памети по неговата харизма, а колегите актери по творечката енергија што ја пренесуваше до последниот свој здив. Се простуваме од бардот на македонското глумиште и изразуваме сочувство до почитувачите на големиот Мето Јовановски“, напишаа од Драмскиот театар во Скопје.

Тој е роден во 1946 година во село Панчарево, пехчевско. Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје.

Неговата актерска кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

Тој ќе остане познат по култните улоги и реплики во филмовите како „Среќна Нова 49“, „Тетовирање“, „Пред дождот“, „Големата вода“, „Македонскиот дел од пеколот“ и уште многу други.

Јовановски е еден од најнаградуваните македонски филмски и театарски актери. За своите актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“. Добитник е и на „Златна клапа“ во Белград, четирикратен лауреат на наградата „Милтон Манаки“, наградата „Петре Прличко“, наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, награда за животно дело на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир 2022 и други.