Победник на „Новите!“ за 2015 е Сања Михајловиќ Костадиновска

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ одлучи наградата за 2015 година да ја добие ракописот „517“ на Сања Михајловиќ Костадиновска.
Комисијата во состав на Будимка Поповска, Алекс Букарски и Иван Шопов го опишува делото како краток дистописки роман во кој се забележуваат елементи на класиците на жанрот како кај Орвел, Замјатин, Бредбери, но и моќниот индивидуален глас на авторката. Според жири комисијата Михајловиќ Костадиновска покажала сосема солидни познавања на конвенциите на антиутопијата, но и вешто ги разбива жанровските крутости воведувајќи елементи од повеќе суб-жанрови и користејќи ја способноста на романот да ги апсорбира истите.
Романот „517“ зборува за ерата на т.н. „сегашизам“ – епоха во која времето не постои, нема ниту иднина ниту минато, а сеќавањата се забранети, како и пишувањето. Една мала група млади луѓе, т.н. антисегашисти, пробуваат да го победат сегашизмот така што ќе се обидат да го повикаат на помош херојот 517, за кој кружат разни легенди и гласини, а никој не е сигурен што всушност тој претставува. Кога еден од антисегашистите ќе се сети на сцена од детството, голем застанат часовник кој покажува 5.17 часот (очигледна алузија на скопскиот часовник кај Старата железничка станица, застанат во времето на земјотресот), младите бунтовници ќе ја откријат својата цел: да го вратат времето и да го реконструираат минатото, користејќи ги своите не баш најјасни сеќавања и скудните материјални траги од времето што изминало. При тој свој обид, тие се соочуваат со повеќе опасности, стравови и дилеми, а некои дури и се откажуваат и преминуваат на страната на сегашистите, исплашени од репресијата и казната што ги чека.
Сања Михајловиќ Костадиновска е родена во 1982 во Скопје. Докторирала на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид во областа на книжевните студии и работи како лектор по шпански јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Добитник е на неколку награди за краток расказ. Пишува проза на македонски и шпански јазик и активно се занимава со превод.
Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.
Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски и Михајло Свидерски.