Средношколките Дора Смилевска и Леона Змајшек се победничкиот тим на финалниот дебатен турнир што се одржа викендов во организација на Младинскиот образовен форум и Институтот за комуникациски студии.
Тие дебатираа на тезата „Овој дом би го приватизирал управувањето со водните ресурси” со уште три тима. Како дел од првиот опозициски тим, ја застапуваа страната зошто би било порационално управувањето со водните ресурси да не биде приватизирано.
„Главно, зборувавме зошто моменталниот начин на функционирање би имал помала загуба за луѓето отколку преку приватизација и обрнавме внимание на најзасегнатите луѓе од ниските слоеви на кои поскапувањето на водата би им било огромен проблем. Најверојатно токму тоа и ни ја донесе победата, фактот дека зборувавме за колку посиромашни земји и луѓе имаат недостаток од питка вода денес, а дополнително со колку поголеми проблеми би се соочувале во приватен систем. Алтернативно, зборувавме и за како постојниот систем би можел да се подобри“, објаснуваат двете дебатерки.
Според нив, најважно за победа во дебата е да се размислат и да се победат најбитните аргументи на противничкиот тим и да се одвои време за јасно и концизно да се објаснат своите аргументи.
Во турнирот учествувале мешани тимови, така што веројатноста дека партнерите не би се познавале од претходно била голема. Па така, Дора и Леона посветиле внимание и во запознавање. Откако го надминале тоа, во најкраток период ги склопиле најзначајните поенти во аргументи и 7-минутен говор.
„Кратко и јасно: победата е слатка. Среќни сме затоа што сметаме дека вложивме максимално внимание и концентрација во тезите кои ги дебатиравме, а ваков пристап кон истите води кон победи и уште повеќе турнири. Ни значи бидејќи е одлично искуство за двете, а дополнително ќе ни даде шанса да се натпреваруваме и надградуваме повторно“, велат дебатерките.
Тие забележуваат дека младите се прекумерно изложени на влијанието на интернетот и социјалните мрежи и медиуми, па така на пример ги менуваат и изразните средства и стилот на комуникација, употребувајќи сѐ покуси реченици, сѐ почести жаргонизми, англонизми, скратеници и јазици на компјутерската технологија.
„При условите кои ги налага таквиот начин на комуникација, аргументираната дискусија е речиси неизводлива и веќе ретко претставува некаков критериум за квалитетна комуникација. Додека, младите сѐ почесто одбираат навреди и префрлања како побрзи и поедноставни опции, избегнувајќи да се соочат со јадрото на проблемот. Развојот во оваа моментална насока може да доведе до многу несакани комуникациски, емоционални и општествени последици, па затоа сметаме дека токму дебатата важи за едно од решенијата на оваа „социјална криза“ и превенција од секоја друга“, сметаат Дора и Леона.
Тие се загрижени дека младите денес се жртви на индоктринација од социјалните медиуми. Во таква состојба, велат тие, дебатата е особено важна за младите да знаат соодветно да ги селектираат разните факти и информации, да ја одредат нивната вистинитост и релевантност и според тоа соодветно и да ги употребуваат.
„Дебатата, како аналитичка структура, го поттикнува и развива критичкото мислење на личноста, комуникациските и логичките вештини, влијае врз формирањето на личните ставови и вредности, ја застапува слободата на изразување и го назначува аргументираното говорништво како основна алатка за искажување на мислите. Преку овие и многу други корисни вештини, дебатата ги оспособува младите луѓе во конструктивни и снаодливи личности во секојдневието, како и во активни и прогресивни граѓани во општеството“, велат Дора и Леона.
Главната тема на дебатата беше управувањето со водните ресурси, па оттука ги прашавме младите дебатерки за тоа колку формалното образование вклучува дебати на еко теми. Според нив, тие ја развиваат општествената свест кај луѓето која е неопходна за градење на функционално општество и стекнување долгорочен просперитет.
„Со оглед на нивната важност, според нас, дебатата и еко темите не се доволно застапени во формалното образование и апелираме за нивно воведување во задолжителниот образовен систем. Сепак, се чини дека свеста за тоа расте кај повеќето светски и европски држави како Холандија, Литванија, Словенија, Романија, Чешка и тн., кои во последната деценија, ја воведоа дебатата како задолжителен или факултативен предмет во своите наставни програми, главно во средните училишта“, заклучуваат Дора и Леона.
Дебатниот турнир се организираше во склоп на кампањата „Разбистри сè“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со Младинскиот образовен форум.
Е.П.