Мали хидроцентрали на Стара Планина сигурно нема да се градат во наредните 15 години. Тоа предвидува новиот просторен нацрт-план на градот Пирот кој наскоро ќе биде усвоен, јавува „РТС“. Ова е резултат на граѓанските иницијативи и на напорите на стручњаците еколози да ги докажат штетните ефекти на малите хидроцентрали врз природата.
Протести, блокади на патишта, судири со инвеститорите ја одбележаа тригодишната борба на жителите од селата на Стара Планина и љубителите на природата против изградбата на малите хидроцентрали. Еден од резултатите од таа борба е и новиот просторен план за градот Пирот во кој не е предвидена локација за изградба на мали хидроцентрали на планинските реки.
„Отстранети се сите мали хидроцентрали од областа на паркот на природата и туристичкиот регион Стара Планина. Потенцијални локации во административната област на Пирот останаа единствено на реката Нишава, низводно од раскрсницата Пирок-запад“, рече одговорниот проектант Славиша Тошиќ за РТС.
Александар Паниќ од движењето „Да ги одбраниме реките на Стара Планина“ изјави дека градските власти веќе долго време го игнорирале проблемот со малите хидроцентрали.
„Задоволство постои, но патот кој го поминавме за да дојдеме до ова, апсолутно не може да се каже дека претставуваше задоволство, затоа што овој проблем, со малите хидроелектрани, долго време беше игнориран од градските власти. Успеавме некако да ги убедиме луѓето да почнат да размислуваат и да видат колкава е штетноста на мала хидроцентрала во заштитено подрачје“, објаснува Паниќ.
Од движењето „Да ги одбраниме реките на Стара Планина“ велат дека по консултација со експерти, во законскиот рок ќе поднесат приговори за просторниот нацрт-план.
„Многу е важно да се спомене дека ќе ја следиме изградбата на било која хидроцентрала и на реката Нишава, со оглед на тоа дека постои можност за да настане голема еколошка штета“, рече Драган Јониќ.
Според љубителите на природата, голем успех е тоа што на територијата на градот Пирот, и покрај притисоците и 58-те расположливи локации, инвеститорите не успеале да изградат ниту една мала хидроцентрала. Од движењето „Да ги одбраниме реките на Стара Планина“ велат дека нивната борба за чисти реки, а против малите хидроцентрали, продолжува на територијата на цела Србија.