По УКИМ и битолскиот Универзитет бара да се одложи носењето на законите за високо образование

Ректорската управа и Сенатот на битолскиот Универзитетот „Св.Климент Охридски“ (УКЛО) на вчерашната седница за законите за високото образование заклучиле дека е потребно нивно одложување и процесирање во редовна постапка за да се даде време за разгледување и вклучување на Универзитетот во изнаоѓање оптимални решенија.

Како што се наведува во заклучоците од седницата, биле дадени бројни, сериозни и суштествени забелешки и аргументирани предлози за изнаоѓање поквалитетни и практично применливи решенија.

„Со оглед на сериозноста на предложените измени, и потребата од активно вклучување и придонес на Универзитетот во процесот на креирање на Законите кои се однесуваат на високото образование, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола смета дека е неопходно одложување на предложените закони од областа на високото образование и нивно процесуирање во редовна постапка. Во таа смисла, со прифаќањето на овој предлог би се дало доволно време за темелно разгледување и анализа на предложените закони, и активно и креативно вклучување на целокупниот потенцијал на Универзитетот во изнаоѓањето на оптимални решенија“, соопшуваат од Универзитетот.

Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, секогаш ги подржувал и ќе ги подржува сите реформски процеси коишто водат кон зголемување на квалитетот на високото образование, се додава во заклучоците од вчерашната седница, потпишани од ректорот Златко Жоглев.

Вчера на итна седница во Ректорската управа и од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје одлучија да  побараат одложување на процедурата за пакетот измени на Законот за високо образование со кои се воведува државниот испит.

Како што се наведува во нивните заклучоци пак, било увидено дека текстот на законските решенија поставени на јавен увид и јавна расправа на порталот ЕНЕР врз основа на кои факултетите и институтите на Универзитетот расправале,  се разликува од текстот на законските решенија поставени во материјалите за седница на Собранието на Република Македонија.

Со воведувањето државен испит не се согласуваат и од Универзитетот на Југоисточна Европа во тетово. Како што информираше ректорот Замир Дика, ставот донесен од деканите на сите факултети од Штуловиот универзитет е дека државниот испит не е најдобриот модел за оценување на студентите. Тие подготвиле неколку предлози и мислење за подобрување на високото образование во Македонија, кои треба да бидат доставени до Влада. Против државниот испит се изјаснија и Државниот универзитет во Тетово, Европскиот и ФОН универзитетот.

Инаку во петокот собраниската комисија за образование го изгласа Предлог-законот за високо образование, со што предлогот за воведување на државен испит во понеделник ќе се најде на собраниска седница. Со измените се воведува државен испит за студентите во втора и четврта година, како и за оние на магистерски студии. Новини има во однос на запишувањето на странски студенти на македонските универзитети, потоа за нострификацијата на странските дипломи, а се пропишуваат и низа казни како на пример од 1 до 3 години затвор за ректорот или деканот што ќе издадат диплома на студент кој не полагал државен испит.