По турнејата низ државата, монодрамата „Дневникот на лудиот“ репризно во Театар „Сенки и облаци“

Монодрамата „Дневникот на лудиот“ прошета низ седум градови во Македонија, а стигна и до Тирана во Албанија. Досега претставата брои седумнаесет изведби, а во месец декември скопската публика ќе може да погледне уште една реприза во театарот „Сенки и облаци“ во Скопје.

„Дневникот на лудиот“ е работена по текст на Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески а во изведба на Бобан Алексоски.

Театарскиот критичар и актер Сашо Огненовски напиша за претставата: „Една од најблагородните компоненти на оваа монодрама е актеровата блискост со публиката која за време на претставата станува релевантен дел од нејзиното дејствие. Минувајќи низ редовите во таа клаустофобична просторија која е лична карта на френетичниот Аксентиј, Бобан на еден егзистенцијалистичен начин ја споделува својата мака со сите нас отворено барајќи наше мислење. И покрај тоа што и тоа е мал ризик на кој се става самиот актер, симпатичкиот мост на сите нас ни намекнува една ситуација на соживот и прифаќање на неговите молби, наредби и барање за време на целото дејствие. Контактот со публиката кој морам да признаам е невиден досега за една монодрама е потполн и публиката тој Аксентиј го чувствува како своја несреќа но и како несреќа на едно време каде ништо не е свето“.

Екипата најави нови гостувања напролет во досега непосетените градови, како и учество на Светски интернационални театарски фестивали.

Претставата е дел од манифестацијата Нов културен бран на Министерството за култура.