По шести пат се прославува Светската недела на вселената

На 4ти октомври започнува годишната прослава на Светската недела на вселената во Македонија, со темата „Сателитите го подобруваат животот” (Satellites improve life). Целта на овој настан на глобално ниво е да се стави акцент на придобивките од вселенските истражувања спроведени во текот на изминатата година за решавање на предизвици на планетета земја и во вселената.

„Секоја година од 4 до 10 октомври луѓето од целиот свет се собираат за да ги прослават достигнувањата во истражување на вселената, и да ги едуцираат и инспирираат младите. Темата оваа година се фокусира на сателитите, нивните секојдневни употреби и многубројните придобивки кои понекогаш ги земаме здраво за готово. Следната година (2021) фокусот ќе биде на една тема многу значајна за нас, а таа е „Жени во вселената“, велат локалните координатори на Светската недела на вселената во Македонија, кои веќе шест години по ред успешно ја реализираат оваа светска иницијатива.

Во оваа иницијатива изминатата 2019 година, се вброија над 8.000 настани во 96 земји, меѓу кои и Македонија, а оваа година се очекува бројот на настани да е уште поголем.

Овогодинешните активности на Неделата на вселената поради пандемијата ќе ги исклучат традиционалните настани со физичко присуство кои беа одржувани сите изминати години и фокусот ќе се ставие на индивидуални предизвици кои секое дете, поединец, возрасен може сам да ги направи од својот дом.

Програмата во 2020 ќе опфати онлајн креативен курс во соработка со едукативниот центар Скампер со наслов „Мисија: Лет до вселената“ за деца на возраст од 4 до 8 години, различни информативни содржини, идеи и предлози за активности по дома за кои повеќе информации можете да најдете на официјалната фејсбук страница.

„Ги повикуваме сите вљубеници во вселената и небесните тела да се вклучат во иницијативата и да ја следат фејсбук страницата World Space Week Macedonia за да ги проследат предлозите кои се подготвени оваа година за заедно, уште еднаш, ја одбележиме оваа Светска недела на вселената“, велат организаторите.