По поплавениот ископ, инспектор на Општина Центар ја запре градбата кај МНР

Овластен градежен инспектор на општина Центар излезе на терен за да утврди што се случува и кои се причините за големото количество вода кое се излева во ископ на градба која се наоѓа во близина на МНР, информира Општина Центар.

Од таму нагласуваат дека се работи за изградба на деловен објект, чиј инвеститор е „Волис Проперт“, изведувач „Рапид Билд“, а надзорот го врши „Поинт Дизајн“.

„Инспекторот констатирал дека фекалиите од пукнатата канализациона цевка ги превзема ЈП ’Водовод и канализација’, а водите од пукнатата цевка од атмосферска канализација одат во ископот на објектот. ’Водовод” ја превзема водата, ја носи во други шахти“, соопштуваат општинарите.

Овластениот градежен инспектор на општина Центар донел решение за прекин на градба, а инвеститорот да се пренасочи на работа на обезбедување на земјиштето и на соседните објекти.

Исто така, велат од Центар, се испитува дали инвеститорот има изготвен елаборат за заштита на градежната јама.

„Овластениот градежен инспектор на општина Центар констатираше дека на местото нема табла со назнака за видот на градба и кој е инвеститор и изведувач. Од лицата од фирмата било објаснето дека табла имало, но и таа отишла со ископот“, се вели во соопштението на општина Центар.

Инаку, ископот што беше поплавен поради оштетување на цевка од фекалната канализација, вчера создаде сообраќаен хаос околу МНР, а притоа на граѓаните не им беше дозволен пристап до самото место. Дел од новинарите и камерманите беа буквално исфрлени и нападнати при обидите да снимат материјал.

Истовремено преку социјалните мрежи и дел од порталите се проширија фотографии и видеа како се врши испумпување од „езерото“ директно на кејот на Вардар.