По помалку од две години, исушените палми се отстрануваат од засадените локации

По помалку од две години откако беа засадени, сега исушените палми повторно се откопуваат и со помош на камиони се дислоцираат од заседените места низ Скопје.

Фотографијата која кружи низ социјалните мрежи е од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, каде имаше палморед од 15-ина тропски дрвја. Тие не ја преживеаја зимата. Од вкупно 135 засадени низ Скопје, ЈП „паркови и зеленило“ потврди дека само 7 проценти не се исушија, односно за 10-ина вакви дрвја ќе треба да мислат како да продолжат да ги одржуваат.

Набавката на 1.100-те палмите низ цела земја чинеше околу половина милион евра. Дополнително пари се издвојуваа за нивно одржување – во зима се „мумифицираа“ со вреќи од јута, горниот дел им се прикриваше со најлон, а во лето палмите се тушираа со специјални прскалки. Никој од надлежните не кажа конкретно колку чини ваквиот третман за палмите.

Голем дел од јавноста и експертите реагираа и бараа да се садат друг вид на дрвја, многу поевтини и поиздржливи на овдешната клима, кои со своите големи крошни би имале далеку поголема улога на прочистувач на воздухот, со оглед на горливиот проблем со аерозагадувањето и масовната сеча на градското зеленило поради градежни апетити. Истовремено, аргументот на властите и претпријатијата беше дека „ваквиот вид на палми издржува и до -15 степени“.

Б.Ш.

Фото: Социјални мрежи