По осум дена притвор за насилниците од Штип

По осум дена притвор добија двајцата штипјани откако вчера на социјалните мрежи кружеше видео во кое се гледа како тепаат девојка. Судија на претходна постапка го прифати барањето на штипското обвинителство поради опасноста да го повторат делото.

Двете лица на возраст од 23 и 26 години, штипското обвинителство ќе ги гони за кривично дело „Насилство“. Според Кривичниот законик, на сторителите им се заканува казна од шест месеци до пет години затвор.

„Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопштија Обвинителството.

Националниот совет за родова рамноправност упати своја реакција за случајот. Оттаму бараат спроведување на законите и ги повикаа и останатите жртви да пријавуваат слични насилства на бесплатната линија 141 700.