По масовната сеча, „Вила Зора“ ги повикува одговорните од Велес да се соочат со екологистите

Еколошкото друштво „Вила Зора“ упати јавен повик до градоначалникот Славчо Чадиев и Советот на општина Велес и ЈКП „Древен“ да организираат јавна трибина-дебата на тема „Заштита на јавното зеленило во Велес“, во време и место кое нив им одговара.

Од „Вила Зора“ ги повикуваат одговорните за соочување на екологистите, а после, како што велат, масовната сеча на јавното зеленило во градот. Еколошкото друштво потенцира дека во последниве денови поголем број граѓани реагирале во нивните канцеларии, особено за голема сеча на дрва во паркот пред Здравствен дом, и се револтирани од односот на надлежните институции кон јавното зеленило во градот.

„Велес е град со лоша еколошка историја. Во овој период  се исекоа премногу дрвја, зелени површини. Се сече и на локации во паркови. Проблемот е што на местото на децениски дрвја се ставаат жардиниери, петунии или декоративни цвеќенца кои, реално, ги немаат оние својства како разгранетите дрвја. Пред нецел месец беше исечен зелен дел кај Гимназијата на сметка на паркинг-простор, кој не знам колку ќе се користи. Пред некој ден се исекоа дваесеттина багреби кај Здравствениот дом. Аргументот беше дека тоа се ‘само што никнати дрвја’. Ние реагиравме, меѓутоа не гледаме одзив, па затоа бараме дискусија во која ќе се вклучат повеќе луѓе, страни, па ситуацијата да се разгледува потемелно. Да седнеме на заедничка маса и да видиме што е проблемот“, вели за Радио МОФ претседателот на ЕД „Вила Зора“, Ненад Коциќ.

Според него, во е ред ако единствено се сечат стари и опасни дрвја, меѓутоа, вели тој, не држи аргументот дека се работи и за дрвја кои „сами израснале“. Ако е така, смета Коциќ, тогаш треба да се исечат сите саморастечки дрвја во Велес, па и низ цела држава.

nenad-kocik

Ненад Коциќ (горе средина)

„Со тоа се праќа лоша порака и до другите граѓани. Односно, да го сечат сето она што е во околината, а е ‘самоникнато’. Многу непрофесионално се работи. Не можеш да прочистуваш воздух со петунии. Тое е декоративно, убаво за око, но се знае што е дрво и ништо не може да го замени.  Апсорбира голем број загадувачки материи, спречува ерозија, намалува бучава, обезбедува сенки за граѓаните во летно време… Плус, во ситуации се користат народни пари за несоодветно оплеменување на просторот. Затоа, ги повикуваме одговорните на разговори за рационални решенија“, вели Коциќ.

Од „Вила Зора“ потенцираат и дека на следното претседателство на друштвото ќе се разгледува состојбата со сечата на дрвјата и, воедно, најавуваат активен отпор доколку продолжи насилството врз зелените површини во градот.

Од општина Велес засега не одговараат дали и кога би се сретнале на дискусија, туку даваат свое објаснување за локацијата кај Здравствен дом. Тврдат дека ЈКП „Дервен“ започнало комплетна реконструкција на зелената површина над тротоарот од десната страна на сообраќајницата кај Здравствениот дом, каде што, велат, ќе се подигне нова парковска површина и реорганизирање на зеленилото, со што ќе се обнови дел од високата и ниска вегетација. Ова, според општинарите, е во согласност со Програмата за реконструкција и подигнување на нови површини за 2016 година, усвоена од Советот на Велес, како и Одлуката за комунален ред.

veles

Велес

„По добиено Одобрение од страна на Општина Велес, ќе се изврши кроење на две листопадни дрвја со ф над 30см кои се со голема височина, со многу разгранета крошна, деградирани и оштетени стебла, видливо навалени кон сообраќајницата и пешачката патека и со видливи знаци на сушење  што го прави овој простор ризичен за минувачите. Додека, девет листопадни дрвја со ф под 30см кои се само никнати и непогодни за хортикултурно уредување на урбана средина  ќе бидат отсранети. Од овие девет листопадни дрвја 6 се кисели дрвја, 1 бор кој е веќе исушен и 2 багрема“,  стои во одговорот на општина Велес до Радио МОФ.

Од таму сметаат дека отстранетите дрвја не само што не прилегаат на урбана средина, пред се, претставуваат ризик не само за лицата кој ќе го посетуваат паркот, туку и за минувачите и автомобилите.

„Во оваа нова реорганизирана парковска површина каде што се отстранети самоникнатите дрвја и е извршено  кроење на дрвјата кои претставуваат опасност како за пешаците така и за автомобилите ќе бидат насадени нови неколку десетици дрвја, зимзелени и листопадни, кои ќе дадат нов подобар изглед на паркот и нема да претставуваат опасност. Истиот простор ќе биде хортикултурно уреден со ниска и висока вегетација соодветна за градска средина“, велат од општина Велес.

Со ова, дополнуваат од таму, не може да се обвинува општината „која работи  да создаде ново зелено урбано катче и кое нема да претставува ризик и опасност туку место за одмор и релаксирање, не може да се обвини општината дека сече дрвја кога се засадуваат нови десетици дрвја се со цел, здрава урбана животна средина“

„Општина Велес секогаш е на страната на екологијата. Очекуваме горенаведениот простор да биде целосно реконструиран во рок од два месеца“, стои во одговорот од општината.

Б.Ш.