По критиките од ревизорите, МЖСПП најавува законски измени и средства за мониторинг станици

Законски измени, комплетирање на податоците од информативниот систем, средства за анализатори за мониторинг станици за 2019-2021 и поголема соработка меѓу институции и невладин сектор, се дел од активностите предвидени од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), по низата критики во ревизорскиот извештај на EUROSAI.

Радио МОФ постави прашања до МЖСПП за контролата во индустријата, бидејќи извештајот за државава утврди низа недостатоци, недоволен буџет и неорганизиран систем за квалитетот на воздухот, додека пак министерот Јани Макрадули изјави дека документот содржи и делумно точни податоци.

Од министерството потврдуваат дека ревизијата на EUROSAI се однесува на 15 држави и во него се опфатени значајни прашања за утврдување на недостоците во управување со квалитетот на воздухот во сите земји.

„МЖСПП во соработка со Шведската Агенција за развој која обезбеди средства и со националиот буџет ќе обнови дел од анализаторите во мониторинг станиците во период 2019-2021 г. Воедно се обезбедени и средства за спроведување на мерки од Програма за намалување на аерозагадувањето за 2019 година во висина од 121.000.000 денари. Во овој период подобрена е координацијата меѓу институциите, зголемена е вклученоста и на невладиниот сектор, но потребно е и понатамошно зајакнување на оваа соработка и со институциите на централно и локално ниво за што е потребно и зголемување на стручните капацитети за управување со квалитетот на воздухот на двете нивоа“, велат од МЖСПП за Радио МОФ.

Потоа, комплетирање на податоците од информативниот систем за животна средина се очекува да се заврши со имплеметација на IPA проектот „Развој на мониторинг на животна средина и мониторинг систем” во времетрање од 2 години, кој треба да започне во март годинава.

„Во тек е подготовката на измени на Законот за квалитет на амбиентен воздух во кои ќе се одредат и казнените одредби за непочитување на одредбите во наредбите кои ќе се однесуваат на спроведување на краткорочни мерки. Воедно со измените единиците на локалната самоуправа ќе бидат задолжени за обезбедување на финансиски средства од нивните локални буџети или од други извори за имплементација на мерки и активности идентификувани во усвоените планови. Индикатори за следење на статусот на спроведените мерки на национално ниво кои недостасуваат во постоечкиот Национален план, ќе бидат дефинирани во новиот Национален план за заштита на квалитетот на воздухот за период од 5 години“, велат од МЖСПП.

Во истражувањето од EUROSAI за нашата земја земени се предвид националните емисии од инвентарот на загадувачки супстанци во воздухот изразени во килотони. Земен е предвид инвентарот од 2014 година, кој го подготвува МЖСПП.

„Во однос на пресметаните емисии за 2014 година, најголем извор на емисии кај PM10 се домаќинствата (35%), по што следат  индустријата (28%) и производството на ел.енергија (22%). Најголем извор на емисија во SO 2 е производството на ел.енергија и топлина (со 91%), а овој извор е клучен и во националните емисии на NO x со (48%). Kaj неметанските испарливи органски соединенија и јаглерод монксид најголем извор на емисија се домаќинствата и административните објекти (со 31% и 61%). Кај амонијакот најголем удел има земјоделство (89%). Од направените анализи симболите за домаќинствата и административните објекти и индустријата (која вклучува и производство на ел.енергија и топлина) се обоени во црвена боја, бидејќи се јавуваат како клучни најважни извори и во цврстите честички и во повеќето од анализираните загадувачки супстанци“, соопштува МЖСПП.

Според ресорот на Садула Дураку, важно дека во индустријата како категорија во ова истражување е вклучено и производството на електрична енергија, а токму производство на струја, велат тие, е еден од клучните извори во емисијата на повеќето анализирани супстанци заради примената на нискокалоричен јаглен и мазут во термоцентралите.

„Вообичаено овие две категории се прикажуваат одделно, односно индустријата се прикажува одделно од прозводството на електрична и топлинска енергија“, соопштува МЖСПП.

Инаку, заменик-министерот Јани Макрадули, во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ на 4 февруари, оцени дека е неточна констататицијата на ревизорскиот извештај за индустријата, бидејќи таму е само лоцирана и земена РЕК Битола и влијанието на ЦО2 и СО2, како и дека „тој извештај датира од 2017 година и дека Меѓунардониот ревизорски извештај лоцира некои точки кои делумно се точни, делумно не се точни“.

За разлика од Макрадули, Државниот завод за ревизија во реакција пренесена од „Мета“ потенцираше дека податоците се релевантни и се обезбедени од надлежни институции од ревизорскиот тим.

„Заедничкиот извештајот е резултат на кооперативна ревизија во која учествуваа Европскиот суд на ревизори и Врховни ревизорски институции на 15 земји меѓу кои и Државниот завод за ревизија на Македонија. Координатори беа Врховните ревизороски институции на Холандија и Полска“, стои во писмената изјава од Мијалчо Дургутов, ревизор во Секторот за информациски системи и портпарол на Државниот завод за ревизија.

Дургутов, меѓу другото, истакна дека во Извештајот се дадени и препораки до надлежните институции по кои треба да постапат.

Б.Ш.