По храна во народна кујна – три оброци на ден се луксуз за сиромашните

Секој работен ден, во 9 часот наутро, пред стариот објект на клубот на пензионери во Бутел, се собираат луѓе со пластични садови во торбите. Чекаат да го земат својот прв, и најчесто единствен оброк во текот на денот. Тука е сместена единствената народна кујна за жителите од оваа општина. На понеделничкото мени е половина леб, кутлача и пол грав, порција зелка салата и по едно јаболко за секое лице кое стекнало право да користи социјален оброк. А такви во Бутел ги има 65.

Меѓу нив и Јованка од Љубанци, село оддалечено десетина километри од местото каде секојдневно доаѓа да земе ручек за себе и својот син.

„Маката не натерала, нема од каде и морам да земам. За двајца, еден леб не ни стига“, вели Јованка.

Луѓето собрани пред народната кујна имаат забелешки и на квалитетот, и на количината која ја добиваат. Тендерот за Скопје, тежок околу 390 000 евра го доби фирмата „Специјал продукт“. Важи до крајот на април и предвидува до 800 оброци дневно во цел град. За секој оброк Градот плаќа по 46 денари, или скоро двојно повеќе ако на тоа се додадат и трошоците за достава. Оттука, во просек, месечно се двојат околу 2400 денари за секој корисник на народната кујна.

Лиле Кузаровска која полека ја стигнала старост без пензија, коментира дека кога се живее од социјална помош и храната е луксуз.

„Не стига. Некојпат ќе дадат нешто повеќе, како грав кога има. Вака, од друго, малку ќе ти турат“, вели Кузаровска, која додава дека доаѓа да земе оброкот само бидејќи добива социјална карта за автобус.

„Ако плаќам карта 70 денари, храната (во Народната кујна н.з.) не ни вреди 70 денари. Кило леб е 20 денари. И по 10 денари има, стар леб“, објаснува корисничката на оваа народна кујна.

Луѓето собрани пред народната кујна коментираат дека се заборавени од сите. Единствено, се согласуваат, пред избори се сеќаваат на нив.

„Ние сме оставени сами на себе. И господ не заборавил. Море, сите не заборавиле. Само кога треба да се гласа, ќе дојдат ќе не видат 5 минути, и толку“, коментира Бубе, пензионерка од Бутел.

Ако трипати месечно не се подигне храната од народната кујна, се губи правото на топол оброк. Храната се подигнува исклучиво со решение, а не смее да ја подигнуваат малолетни лица.

Дафина Петрова, која ги дели оброците во Бутел, вели дека кога има забелешки за вкусот, веднаш се пријавува кај снабдувачот.

„Броено е, ограничено, се е под број, колку лица, толку оброци, не може да не стигне. Еден оброк ги следува, најважниот – ручекот си го носат дома. Има лепче, салата, десерт… тоа многу значи за нив“, вели вработената во Народната кујна.

3000 луге во земјава се хранат во народните кујни. А сиромашни има 150 пати повеќе. Но секој од сиромашните не зема социјална помош, па оттука, и нема право на ваков оброк.

Кристијан Калинов, од Ретвитни оброк, иницијатива која секоја сабота готви и дели стотици бесплатни оброци пред куќата на Мајка Тереза, забележува дека сиромаштијата не го одминува главниот град.

„Ние тоа што го гледаме е дека има околу 300 лица кои не се бездомници, но се во сериозна потреба од храна. Тоа се луѓе со минимални примања, семејства што живеат со 2-3000 денари месечно, пензионери кои живеат со 4-5000 денари. Тоа се луѓе кои се во поголем број од тие што ги снабдуваме во саботите“, вели Калинов.

Калинов забележува дека голем дел од сиромашните, се срамат да пристапат и да земат храна. Затоа, додава, иако постои 4 години, Ретвитни оброк не профункционира надвор од Скопје. Но кога институците затајуваат, мора да помогнат граѓаните, дециден е активистот.

„Точно е дека во секое општество институциите се одговорни да ја постават основата, но истовремено  граѓанскиот сектор прави реални реформи во општеството. Ако само само кажуваш што е проблемот, а не нудиш никакво решение, тоа не е решение, туку  патетично жалење. Ние го гледаме проблемот, и реагираме на него, како граѓани“, вели активистот.

Но, додека голем дел од граѓаните немаат можност за ниту еден пристоен оброк дневно, десетици тони употреблива храна се фрла поради лоши законски одредби. Блаже Јосифовски, од „Ајде Македонија“, кој го води проектот „Сите сити“, вели дека за една година успеале да спасат 66 тони храна, или околу 220 000 оброци, кои ќе завршеле во депонија.

„Во Македонија има многу храна што останува, најмногу земјоделски вишоци, овошје и зеленчук, има и пакувана , конзерворана храна, готвена. На пример, само во Преспа во моментов има 30 000 тони јаболка на кои производителите не знаат што да им прават, не можат да ги продадат. Им седат и скапуваат“, вели Јосифовски.

Долгите бирократски процедури кои траат повеќе од еден месец, ги одвраќаат компаниите да ја донираат храната чиј рок истекува, вели Јосифовски. Затоа на компаниите досега им беше полесно да ги уништат производите. Но, дека свеста полека се менува, покажува функционирањето на системот „Сите сити“, со кој 15 граѓански здруженија добија имаат увид во сета донирана храна, и пристап за нејзино користење. Истовремено, лесно расипливата храна, „Ајде Македонија“ секојдневно ја транспортира до најсиромашните.

„Ние сме еден вид на посредник. На пример, за пецива, слатки, готвена храна и слично, имаме возило кое ја собира таа храна низ Скопје и ја и дистрибуира до Центарот за бездомници на Црвен крст во Момин поток, Центарот за деца од улица во Шуто оризари, и за лицата од што беа под Кале, а сега се сместени во Визбегово“, објаснува Јосифовски.

Проектот „Сите сити“ доби државна поддршка, а од Министерството за труд и социјална политика уверуваат дека со него ќе се обезбедува храна за 3-4 пати повеќе граѓани од досега.

Во меѓувреме, луѓето кои се хранат во народната кујна во Бутел, се надеваат дека некој ќе се сети и на нив – бидејќи е време на избори.

Јасмина Јакимова

*Прилогот првично е објавен во третото издание на емисијата Мегафон -Владин популизам или реални мерки за борба со сиромаштијата.