По Д фестивал, патувачкото кино на „МакеДокс“ се враќа на својата патека

Со проекциите на документарните филмови „Ликвидатор“, „Дае“, „Ритам и звук“, „Во потрага по Фела“ и „Звукокршач“, Патувачкото кино беше дел од креативното здружување на музичкиот „Д-Фестивал“, што се одржа од 15 до 17 јули во Стар Дојран.

Патувачкото кино на „МакеДокс“, кое оваа година од 11 до 25 јули е во валандовско-дојранскиот регион, со селекцијата на музички документарни филмови направена за „Д-Фестивал“ даде свој придонес во обемната тридневна програма на музичкиот фестивал што од година во година привлекува сѐ повеќе музички фанови, но и туристи. Покрај музичката програма, на фестивалот се случија и поетски читања, рекреативно-забавни активности и повеќе дебати на невладиниот сектор. Оваа година во програмата беа ставени и филмските проекции на „МакеДокс“.

Првично замислени да се одвиваат пред сцената „Москито“, поради невреме и силен ветер, организаторите на „Д-Фестивал“ и екипата на МакеДокс“ требаше да пронајдат нова локација за поставување на филмското платно. Имајќи предвид дека во црквата „Свети Илија“ веќе се одвива музичка пладневна програма, беше одлучено на третиот ден од фестивалот во вечерните часови проекциите во форма на филмски маратон да се одржат во црквата.

По Дојран, Патувачкото кино се враќа на својата патека, а следни станици се Костурино (19 јули), Јосифово (20 јули), Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули). Седмото издание на Патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.