По бојкотот на архитектите откажана изложбата „Архитектурата на град Скопје“

Откако Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) повика на бојкот на традиционалната манифестација „Архитектурата на град Скопје“ АСК 2015, која по повод празникот 13 ноември ја организира Градот Скопје, настанот беше откажан. Ниту еден архитект не се пријавил да учествува , појаснуваат од ААМ.

Во својата реакција тие појаснуваат дека единствената цел на ААМ со бојкотот била да се заземе став, создаде стручен критерум и да се почитува квалитетно архитектонско творештво.

„Познато е дека Градот Скопје е непосредно инволвиран во се што се случува со урбанизмот, архитектонското творештво и архитектонското наследство во нашиот град.
ААМ смета дека е неодговорно и нестручно да се учествува на манифестација која ја организираат истите оние кои ја потценуваат архитектонската професија и покажуваа непочитување кон архитектонското творештво.

ААМ смета дека Градот Скопје нема ниту стричност да процени, ниту мудрост да препознае, ниту став и храброст да вреднува квалитетна архитектура. Се покажа дека ААМ била во право, манифестацијата “Архитектурата на град Скопје“ АСК 2015 не се одржа бидејќи никој не се пријавил да учествува. Голема благодарност до сите наши членови и останатите колеги архитекти кои го подржаа бојкотот на ААМ и завземаа јасен, недвосмислен став и рекоа, не за потценување на професијата и творештвото“, стои во соопштението на ААМ.