По 50 евра казна за дел од „паркобраните“ кај хотелот Бристол

Дел од „паркобраните“, кои беа уапсени на почетокот од септември 2013 година во паркот веднаш до хотел Бристол од страна на стотици полициски службеници и специјалци од единицата „Алфи“, деновиве добиле решенија за парична казна за нарушување на јавен ред и мир во износ од 50 евра, објави Плусинфо.

По 50 евра казна за „паркобраните“ кај хотелот Бристол

На 12 септември по полноќ единаесет активисти, кои цел месец кампуваа во паркот за да ја заштитат парцелата од изградба на неокласична десеткатница, беа уапсени кога доцна во ноќта специјалците ја опколија локацијата, ги отстранија „паркобрраните“ и му дозволија на багерот да почне со копање темели за новата зграда во центар. Активистите биле принудени да се потчинат на наредбите на полициските службеници и да влезат во возилата, за потоа да бидат пренесени во полициската станица во Кисела Вода.

„ Кога нè уапсија специјалците од единицата Алфи, прво ни рекоа да не даваме отпор туку да појдеме со нив во станица. Нè однесоа таму, но изгледаше како да не знаат што треба да прават со нас. Прво почнаа да нè тестираат за алкохол, но кај никој од нас немаше ништо, за на крај да ни пишат пријави за нарушување јавен ред и мир. Нè пуштија во 6 часот утрината. Не ни вратија ништо од она што ни го запленија вечерта. Таму ги изгубивме шаторите кои беа искинати, искршените маса и столици, а во метежот снема и еден лап топ. Го немаше и проекторот со кој правевме презентации и со кој гледавме филмови под отворено небо“, се потсетува за Пусинфо Дарко Атанасовски, еден од приведените во акцијата.

Зградата која ќе се издигне до хотел „Бристол“, според предвидениот план, ќе има приземје, осум ката и поткровје. Во неа ќе бидат сместени административните одделенија од Советот за радиодифузија и Службата за општи и заеднички работи.