По 37 години, песната „Running Up that hill“ на Кејт Буш одново популарна поради „Stranger things“

Кејт Буш се најде на американската „Топ 10“ листа со песна издадена пред 37 години, пренесува „Гардијан“.

Песната „Running Up that hill“ од пејачката Кејт Буш се искачи на осмото место на американската „Топ 10“ листа бидејќи песната, инаку издадена пред 37 години беше вметната во епизода од серијата „Stranger Things“.

Со песната на Буш се означува важен пресврт во серијата, која се здоби со огромна популарност откако беше објавена на стриминг платформата „Нетфликс“. „Running Up that hill“ моментално се наоѓа на осмото место, а на осмо место котира и на британската топ листа за синглови.

Кога беше за првпат објавена во 1985 година, „Running Up that hill“ се најде на 30 место на американската листа, а сегашното осмо место е највисокото до сега.

Моментално песната е втора глобално најслушана песна на „Спотифај“ и „Епл Мјузик“.

Во изјава објавена на нејзиниот сајт, Буш вели дека е навистина возбудливо што песната одново е популарна кај младите фанови кои гледаат „Stranger things“ – серија која ја гледа и таа.

Освен божиќните песни кои се враќаат на топ листите секоја година, ретко е стара песна одново да влезе во „Топ 10“ листата.

Во 1992 година бендот „Queen“ се врати на американската „Топ 10 листа“ и тоа на второто место, откако „Воhemian rapsody“ беше вклучена во „Wayne’s World“.

Последен пример за тоа како стара песна може да стане популарна кај младите генерации е „Dreams“ од „Флитвуд Мек“, која одново котираше на топ листите откако беше вклучена во популарно „ТикТок“ видео.