По 15 години, музичко-балетското училиште „Илија Николовски – Луј“ доби ново концертно пијано

По цели 15 години, државниот музичко – балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје доби ново концертно пијано за потребите на учениците и наставниците.

Од Министерството за образование и наука велат дека за пијаното издвоиле околу 2,5 милиони денари од годинешниот буџет.

„Концертното пијано е од висока класа и ќе овозможи значително унапредување на практичната настава за учениците, како и поквалитетна организација на честите концертни манифестации во рамки на училиштето“, велат од МОН.

Новиот музички инструмент беше претставен на традиционалниот новогодишен концерт кој го организира музичко балетскиот училиштен центар.

Претходно во 2017 година, училиштето доби своја концертна сала и клавир Петроф кој бил целосно реновиран во фабрика во Чешка.